Мурињо нема да „паркира автобус“ на „Енфилд“

Жозе Мурињо вообичаено гостувањата на дерби-натпреварите во Премиер-лигата се одлучува за подефанзивна тактика, но стратегот на Манчестер јунајтед најави дека тоа нема да биде случај на неделниот дуел на „Енфилд роуд“ против Ливерпул. Домаќините се лидери на табелата со 16 бода предност во однос на тимот на Жозе Мурињо, но Португалецот е убеден дека ќе успее да ја продолжи серијата добри резултати против Јирген Клоп.

„Имаме квалитети, потенцијал да одиграме квалитетен натпревар, да напаѓаме и да стигнеме до победа. Ланската сезона имавме два позитивни резултати со Ливерпул, ги победивме дома и ремизиравме на „Енфилд“, мислам дека четири средби сме без пораз од нив, но тоа е во минатото. Не се фокусираме на тие средби, туку само на мечот пред нас, бидејќи значењето е навистина големо. Сакаме да победиме, способни сме за такво нешто и затоа дефинитивно нема да се браниме“ – дециден е Мурињо.

Португалскиот стратег се соочува со бројни проблеми во пресрет на неделното дерби, Линделоф, Рохо и Санчез дефинитивно се „во аут“, додека е крајно неизвесен настапот на Марсијал, Смолинг, Шо, Дармијан и на Диого Далот.

„Од оние кои не играа во Валенсија здрави беа само Матиќ и Де Хеа, кои ќе настапат в недела. Сите останати се повредени, ситуацијата не изгледа добро, но се надевам дека во следните два дена ќе добијам барем некоја позитивна вест од лекарскиот тим“ – изјави Мурињо.

Се вчитува...