„Мурињо оди против своите фудбалери, Солскјер никогаш“

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, жестоко го критикуваше поранешниот менаџер на „црвените ѓаволи“, Жозе Мурињо, па даде само комплименти за сегашниот тренер и поранешен играч на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер.

Во разговор за „Скај Спорт“, Пол откри дека конфликтот со Мурињо започнал во моментот кога францускиот фудбалер го загубил местото во почетниот состав.

„Еден ден имав одлична врска со Мурињо, сите го видоа тоа, а следниот ден не знам што се случи. Чудна работа е во односот со него и не можам да ви објаснам, бидејќи ниту мене не ми се јасни причините“, рече Французинот.

Погба во интервјуто го спореди Португалецот со сегашниот менаџер на Јунајтед, Солскјер.

„Односот со Оле Гунар е различен, тој никогаш не би одел против својот играч. Можеби Оле не би одбрал некои играчи, но не ги одбива, не ги турка настрана како да не постојат повеќе. Тоа е разликата меѓу нив. Методите на Солскјер функционираат на овој начин затоа што тој има поблиски односи со играчите”, заклучи Погба.

Се вчитува...