Мурињо продава двајца дефанзивци за да собере пари за Мегвајер

Жозе Мурињо сака да го доведе Хари Мегвајер од Лестер како големо засилување за својата одбрана, тоа не е никаква тајна, но „специјалниот“ добил и одговор од управата на Манчестер јунајтед на оваа тема – мора прво да продава дефанзивци пред да може да донесе нов одбранбен фудбалер на „Олд трафорд“.

Португалецот секое лето носеше најмалку еден до двајца играчи за овој дел на тимот, па ставот на раководството е дека „ѓаволите“ имаат премногу дефанзивци и ќе мора некој да си замине за да може да се тргне во тотална офанзива по Мегвајер. А бидејќи Лестер го има проценето англискиот репрезентативец на 75 милиони фунти, јасно е дека Мурињо ќе има проблем да ги собере парите.

Дејли Блинд веќе го комплетираше својот трансфер во Ајакс, а според весникот „Мирор“ на излезна врата се наоѓаат уште двајца играчи, и тоа Маркос Рохо и Матео Дармијан. Трансферот на Дармијан во Јувентус пропадна во последен момент, но за Италијанецот се уште постои сериозен интерес од неговата татковина, така што тој речиси сигурно ќе си замине од „Олд трафорд“. Нешто потешко ќе оди работата со Рохо, кој има договор со Јунајтед за плата од 150.000 фунти неделно, што останатите клубови не се во можност да ја израмнат дури и доколку се договорат со „ѓаволите“ за висината на отштетата.

Едно е јасно, челниците на Манчестер јунајтед веќе не ги исполнуваат експресно желбите на „специјалниот“.

Се вчитува...