Мурињо провоцира пред римското дерби: Ме имате мене со 26 трофеја и некој таму со еден

На тренерот на Рома Жозе Мурињо не му се допадна забелешката на неговиот колега од клупата на Лацио, Маурицио Сари дека „волчицата“ ќе одигра пријателски натпревар со Славија пред римското дерби.

Лацио во вторникот играше со Феенорд во Лигата на шампионите, па Сари, споредувајќи ги ривалите на двата римски тима во Европа, реши да го пецне својот колега.

Португалецот дел од прес-конференцијата пред мечот со Чесите ја посвети на изјавата на тренерот на Лацио, бидејќи, секако, Мурињо не би бил Мурињо доколку некому остане должен.

„Дали ова ќе биде пријателски натпревар како што вели Сари? Ако некој треба да се навреди од таква изјава, тоа е Славија, не јас. Тој мисли дека Славија е екипа која нема квалитет, а јас секогаш ги почитувам противниците. Тоа е разликата помеѓу тренери кои освоиле 26 пехари и тренери кои освоиле неколку, токму таков е менталитетот. Секој натпревар е важен и сериозен, не е пријателски натпревар. Би сакал да ја слушнам реакцијата на Лигата бидејќи тоа е директна критика“, рече Мурињо.

Се вчитува...