Мурињо се правда: Не сум јас крив за Де Брујн

Тренерите често знаат да направат грешка со продажба или купување на играч, а тоа го стори и Жозе Мурињо кој додека беше предводник на Челси во својот тим го имаше Кевин Де Брујн кој како 21-годишник од редовите на Генк премина на „Стемфорд Бриџ“.

Белгијецот не доби вистинска шанса од португалскиот стратег, ретко кога беше меѓу почетните единаесетмина, па на крајот замина од Челси во бундеслигашот Волфсбург каде го покажа целиот свој потенцијал за во 2015 година да се врати во Англија, но во Манчестер Сити каде пола деценија е еден од клучните играчи на тимот.

Секогаш контроверзниот Мурињо ниту сега не сака да ја прифати грешката, велејќи дека тој му дал шанса на Де Брујн, но Белгијецот сакал да си замине од Челси.

„Кевин е неверојатен играч во моментот без сомнение еден од најдобрите на светот. Мојата приказна со Кевин е забавна и на крајот, за него се испадна добро. Во текот на мојот втор мандат во Челси заминавме на турнеја во Азија. Планот беше Кевин да дојде со нас, а кога ќе се вратиме да го испратиме на позајмица, но толку ме инспирираше што одлучив да го задржам. На првиот натпревар во сезоната беше во првиот тим, но во второто коло не играше. По натпреварот ми пријде и ми кажа дека сака да игра на секој натпревар, да игра секоја минута. Значи дека не сака да остане со нас. Упорно го бараше тоа. Сакаше да се врати во Германија. Одлуката да не напушти беше негова, постојано притискаше и на крајот клубот го продаде. Некогаш тренерите прават грешки и не го согледуваат потенцијалот, но со Де Брујн тоа не беше случајот. Јас ги согледав неговите можности, но тој беше дечко со јасна слика за тоа што го сака“, вели Мурињо.

Се вчитува...