Мурињо: За Македонците е празник што сме тука, штета што ќе нема публика

Жозе Мурињо вторпат доаѓа во Скопје, откако го предводеше Манчестер Јунајтед во Суперкупот на Европа против Реал Мадрид. Вечерва тој како стратег на Тотенхем ќе се обиде да ја совлада Шкендија, дуел во кој англискиот премиерлигаш ја има улогата на апсолутен фаворит.

„Ги анализиравме, дури и му се јавив на Горан Пандев, кој е газда на Академија Пандев, тим со кој Шкендија играше минатиот викенд. Би рекол дека се на исто ниво со нашиот ривал од Бугарија од минатото коло. Подобри сме, но мораме да постигнеме голови за да докажеме дека сме подобри од нив. Во Пловдив не игравме лошо, но се соочивме со сериозни проблеми. Се надевам дека овојпат мечот ќе оди во сосема поинаков правец, ќе биде полесно за нас“, истакна Мурињо во пресрет на денешниот натпревар.

Португалецот жали што нема да има публика на трибините, бидејќи е свесен дека доаѓањето на клуб од рангот на Тотенхем е многу значајно за домашната јавност.

„Ова се значајни моменти за овие држави, значајни за фудбалерите кои играат против нас, фудбалери што досега ги гледале на ТВ, а сега можат да ги одмерат силите со нив. Зборував со играчите од Локомотив Пловдив, ми го кажаа токму тоа – чудно е да се игра против ривали што до вчера ги гледале само на телевизија. Во Бугарија беше празник што ние бевме во градот, знам дека истото ќе биде случај и во Македонија. Жал ми е што трибините ќе бидат празни, ќе беше одлична атмосфера на стадионот“, вели Мурињо во најавата за дуелот со Шкендија.

Се вчитува...