На само една трка пред крунисувањето на шампионот во светското првенство Red Bull Air Race, Јапонецот Јошихиде Муроја направи пресврт и се вивна до второто место во генералниот пласман со брилијантна победа на автодромот Лаузицринг, сместен меѓу Берлин и Дрезден во Германија. Австралијанецот Мат Хол ја заврши трката на второто, а со освојување на третото место, Мартин Шонка од Чешка едвај се задржа на врвот од табелата.
Шонка и Муроја на Лаузиц дојдоа како прв и четвртопласиран на табелата од светското првенство, па кога и двајцата се изборија за влез во дуелот на најдобрите четири пилоти („Фајнал 4“), навивачите од Чешка кои наполнија неколку автобуси и дојдоа го бодрат пилотот, беа на нозе. Настапувајќи прв, Мат Хол го постави „репер времето“ на 50.486, а Муроја беше следен, и успеа да го подобри постигнувањето за три стоти делови од секундата, на 50.451. Шпанецот Хуан Веларде доби казна, па се беше во рацете на Шонка кој настапи како последен. Чешкиот ас леташе моќно, но имаше време од 50.964. Тоа не беше доволно за победа, но неговите поени за третото место беа доволна причина за славје меѓу неговите фанови!
Резултатите од Лаузиц се гаранција дека финалето на сезоната на американскиот автодром во Индијанаполис не смее да се пропушти. Еден од четворицата пилоти ќе го освои шампионскиот наслов на светски познатиот „Брикјард“. На врвот од табелата, Шонка има 63 поени, Муроја е само 4 поени зад него со 59, а титулата му е на дофат и на Канаѓанецот Пит МекЛиод со 56 поени. Секој од нив ќе сака да ја освои својата прва титула во генералниот пласман, а воедно и прва титула за нивната земја. Во меѓувреме, Кирби Чемблис со 52 поени се уште има шанса да ги отфрли сите нив, а Американецот ќе ја има и предноста на домашната публика, како и неговото искуство со претходно освоени две титули.
„Тоа е победа, секако дека сум многу задоволен. Имавме тешкоти во Казан и Порто, но потоа многу добро се подготвивме, им благодарам на сите членови на мојот тим. Знаевме дека ќе можеме да се бориме за титулата оваа година. Планот за Индијанаполис е лесен: само да летам брзо и да ја освојам победата“ – рече озарениот Муроја.
Резултати (Лаузиц): 1. Јошихиде Муроја (Јапонија), 2. Мат Хол (Австралија), 3. Мартин Шонка (Чешка), 4. Хуан Веларде (Шпанија), 5. Пит МекЛиод (Канада), 6. Кирби Чемблис (САД) 7. Микаел Бражо (Франција), 8. Петр Копфстајн (Чешка), 9. Николас Иваноф (Франција), 10. Франсоа Ле Вот (Франција), 11. Кристијан Болтон (Чиле), 12. Матијас Долдерер (Германија), 13. Петер Подлуншек (Словенија), 14. Мајкл Гулијан (САД).
Табела (по 7 од 8 трки): 1. Мартин Шонка (Чешка) 63 поени, 2. Јошихиде Муроја (Јапонија) 59 поени, 3. Пит МекЛиод (Канада) 56 поени, 4. Кирби Чемблис (САД) 53 поени, 5. Мат Хол (Австралија) 37 поени, 6. Петр Копфстајн (Чешка) 37 поени, 7. Хуан Веларде (Шпанија) 28 поени, 8. Матијас Долдерер (Германија) 27 поени, 9. Мајкл Гулијан (САД) 24 поени, 10. Михаел Бражо (Франција) 19 поени, 11. Николас Иваноф (Франција) 16 поени, 12. Петер Подлуншек (Словенија) 14 поени, 13. Франсоа Ле Вот (Франција) 9 поени, 14. Кристијан Болтон (Чиле) 7 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА