Фудбалската репрезентација на Македонија се подготвува за јунските квалификациски искушенија, гостувањата на фаворитите во групата, селекциите на Полска и на Австрија во Скопје. В петок националниот тим ќе ги пречека Роберт Левандовски и сонародниците на арената „Тодор Проески“, а дефанзивецот Висар Муслиу верува дека стручниот штаб ќе пронајде начин како да се сопре противникот.
Полска има две победи во воведните два меча во квалификациите за ЕП 2020, ја има и улогата на голем фаворит, но тоа сепак не ги обесхрабрува избраниците на селекторот Игор Ангеловски.
„Полска е одлична репрезентација, сигурно е главен фаворит во нашата група, но тоа само уште повеќе не мотивира добро да се подготвиме. Верувам дека стручниот штаб ќе пронајде начин како да ги сопреме, а ние ќе треба планот да го спроведеме на теренот. Полјаците се одлични индивидуалци, имаат врвни фудбалери како Левандовски, Милик, Зиелински, но наш адут е тимската игра. Со поддршка од публиката, веруваме дека можеме да оствариме позитивен резултат“, изјави Висар Муслиу.
Полскиот национален тим утре ќе допатува во Скопје и во терминот (20.45 часот) на одржување на натпреварот ќе го одржи официјалниот тренинг на арената „Тодор Проески“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА