Муслиу: Секогаш ќе го паметам Израел по добро, пред две години дебитирав и победивме

ЕКИПА во Израел,

Никола Ѓуровски

Пред две години го имаше дебито во националниот тим. Токму против Израел, на стадионот „Семи Офер“ во Хаифа, Висар Муслиу доби доверба од селекторот Игор Ангеловски да биде стартер во одбраната. Во тандем со Дарко Велковски. Речиси се функционираше беспрекорно, а тој имаше одличен настап и триумфално деби (0-1) во А-репрезентацијата.

„Секогаш ќе го паметам Израел, по добро, дебитирав пред две години во Хаифа во репрезентацијата и победивме 0-1. Одбраната ја заврши задачата, не прими гол. Со погодокот на Горан Пандев славевме. Нека биде така и утре во Бер Шева“, се потсетува репрезентативниот стопер.

Ќе го нема овојпат Стефан Ристовски поради повреда, но одбраната нема премногу да биде променета. Повторно ќе игра во тандем со Дарко Велковски, потпомогнат и од Кире Ристевски.

„Мислам дека сме добро воиграни. Ги загубивме последните два квалификациски меча против Полска и против Австрија, но имаме големи мотиви да докажеме дека можеме многу подобро. Нека славиме повторно со еден разлика, па макар и примиле еден гол“, вели Муслиу.

Од Шкендија неодамна се пресели во унгарскиот Фехервар, на дебито постигна и погодок во дресот на новиот клуб. Вели дека добро се снашил и од голема помош му е репрезентативниот колега Бобан Николов.

„Одлично се вклопив, имам и помош во прилагодувањето од Боби Николов. Се надевам дека ќе продолжиме со успеси заедно и во клубот и во репрезентацијата“, истакнува Висар Муслиу.

Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер (20.45 часот) во Бер Шева ќе го игра петтиот натпревар од квалификациите за ЕП 2020. По еден триумф и едно реми, следеа два порази. Време е повторно да се сврти во победнички колосек.

Се вчитува...