Мута Николиќ позитивен на коронавирус, префрлен во болница

Српскиот кошаркарски стратег Мирослав Мута Николиќ доцна синоќа бил примен во една од белградските клиники откако било утврдено дека овој стручњак е позитивен на covid-19. Николиќ бил примен со воспаление на белите дробови, состојбата не му е премногу сериозна, но лекарите речиле да го задржат за да не дојде до компликации поради коронавирусот.

„Почувствував тешкотии во дишењето, а тестот на приватна клиника покажа почетен стадиум на воспаление на белите дробови. Првиот резултат од корона-тестирањето беше негативен, но вториот тест покажа дека го носам вирусот. Се чувствувам добро, внимавав во овој изминат период, но ете, се случи да се заразам. Докторите ме уверуваат дека се ќе биде во ред“, истакна Николиќ за српските медиуми.

Мирослав Мута Николиќ во изминатите триесетина години беше тренер на бројни клубови, а во текот на кариерата ги водеше и Партизан и Црвена Звезда. Како селектор ја предводеше јуниорската репрезентација на Србија до златниот медал на СП во 2007 година, а последен ангажман му беше како прв асистент на Александар Ѓорѓевиќ во стручниот штаб на сениорската селекција на нашиот северен сосед.

Се вчитува...