МВР „чешла документација“ за местени натпревари: Под истрага Шкупи, Брера, Македонија ЃП, Силекс и Воска!

Министерството за внатрешни работи, со поддршка на Јавното обвинителство за сузбивање криминал со наместени натпревари во професионалните лиги, денеска во Скопје спроведе голема акција за „чешлање“ на документација за местење натпревари во кои се вклучени македонски клубови.

Како што пренесува „Скопје Инфо“, од страна на МВР и Јавното обвинителство е побарано од администрацијата на ФФМ да достават документација и информации за одредени клубови, натпревари и официјални лица.

Акцијата на МВР е по добиени информации и препораки од „Спортрадар“, кое е тело на Интерпол и УЕФА чија цел е борбата против наместени натпревари. Случувањата во Македонија следат по претходни акции во регионот, но и Европа.

Како што пренесува „Скопје Инфо“, во истрагата се опфатени клубовите Шкупи, Македонија ЃП, Воска, Академија Пандев (Брера), Силекс, како и второлигашите Победа и Арсими. Станува збор за натпревари кои се одиграни во Македонија и домашните натпреварувања оваа и минатата година.

Пред шест години единаесет лица беа уапсени во меѓународната полициска акција на Словенија, Хрватска и Еуропол насочена против корупцијата во спортот. Слична ваква акција беше спроведена минатата година во соседна Србија, по чие завршување неколку клубови беа исфрлени од Првата лига.

Се вчитува...