МЗТ без Трајковски две седмици, се враќаат Симоновски и Мајсторовиќ

Крилниот центар на МЗТ Скопје Аеродром, Бојан Трајковски, ќе ги пропушти активностите во наредните две седмици поради болки во тетивите, информираат од клубот од „Јане Сандански“. Тој сигурно ќе ги пропушти средбите со Цедевита и Морнар во АБА, како и дуелот со Гостивар во домашното првенство кој најверојатно ќе го одигра во вторник.

Добра вест за тренерот Жељко Ликајиќ е враќањето на Марко Симоновски и на Ѓорѓе Мајсторовиќ, кои подолг период беа вон стројот. Македонскиот репрезентативец имаше проблем со мускулот на ногата, а српскиот интернационалец отсуствуваше поради скршен нос. Двајцата веќе извесен период тренираат во полн ритам и се очекува да бидат во тимот на задутрешниот дуел со Цедевита, последен на домашен терен сезонава за „металците“ во регионалното натпреварување.

Се вчитува...