МЗТ Скопје поведе со 1-0 во финалната серија од плејофот против Пелистер, откако аеродромци со доминантно издание славеа во премиерниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ со убедливи 84-64. Битолчани само една четвртина му парираа на актуелниот првак, кој со цврста одбрана успеа да се одлепи, а потоа и да ја задржи предноста до самиот крај на овој натпревар.
„Металците“ имаа предност од 16-10 во првиот период, но Пелистер заигра подобро пред крајот на четвртината, завршувајќи ги првите десет минути со израмнети 18-18. При водство на МЗТ Скопје од 23-21 двата тима влегоа во серија грешки, при што тренерот Атанасов побара тајмаут за актуелниот првак. По таа минута одмор „металците“ заиграа фуриозно и за само неколку минути направија серија од 13-0 и стигнаа до предност од 36-21, трасирајќи си го патот до победата.
На одмор се замина со предност на МЗТ Скопје од 41-29, а битолчани и покрај обидите не успеаја во ниту еден момент да ја спуштат негативата под десет поени. Одбраната на актуелниот првак функционираше беспрекорно, а во финишот аеродромци влегоа и во серија успешно реализирани напади, на крајот триумфирајќи со убедливи „плус 20“, како потврда за фаворитската улога во оваа финална серија.
Центарот Абу беше најефикасен во таборот на МЗТ со 20 поени, Крстевски имаше 15 поени, 7 скокови и 5 асистенции, додека Војдан Стојановски го заврши мечот со 11 поени, 9 скока и две украдени топки. Кај „пелистерци“ Стајиќ и Карпентер беа најефикасни со по 16 поени во денешниот убедлив пораз.
Вториот меч од оваа финална серија на програмата е в среда, исто така во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА