МЗТ Скопје и Пелистер денеска во 19 часот повторно ќе излезат на мегдан во вториот меч од финалната серија во кошаркарскиот плејоф. Аеродромци демонстрираа апсолутна надмоќ во првиот меч славејќи со 20 поени разлика, но искусниот Војдан Стојановски предупредува дека мора да се остане максимално фокусиран и во претстојните 40 минути игра во СЦ „Јане Сандански“.
Капитенот на македонскиот национален тим беше меѓу најзабележителните и на првиот финален меч, трасирајќи го патот на МЗТ Скопје кон јубилејната десетта титула.
„Пред нас е исклучително важен меч за двете екипи. Со победа ќе дојдеме на чекор до посакуваната цел, поради што ќе сториме сѐ за да ја повториме играта од неделната пресметка, која убедливо ја добивме. Ако го испочитуваме договореното, како во напад така и во одбрана и ако одиграме борбено и пожртвувано, тогаш сигурен сум дека ќе се радуваме на крајот заедно со нашите навивачи и симпатизери, кои очекувам и овој пат да дојдат во голем број и да ни ја дадат и тоа како потребната помош од трибините“, изјави Војдан Стојановски.
Билетите за денешниот натпревар се веќе пуштени во продажба, по цена од 100 денари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА