МЗТ чека – Приморска има еден месец или ќе испадне од АБА

Шансите на МЗТ Скопје за промоција во елитното друштво од АБА-лигата уште повеќе се зголемуваат по најавите дека Приморска добила ултиматум во најскоро време да ги реши финансиските проблеми, во спротивно словенечкиот тим ќе биде исфрлен од АБА1. Директорот на МЗТ, Тони Грнчаров, во изјава за ЕКИПА обелодени дека веќе бил контактиран од раководството на АБА-лигата со прашање дали „металците“ се подготвени за влез во елитата.

Проблемите на Приморска се огромни, овој тим е во долгови од околу 1,5 милиони евра, а пропаднал и очајничкиот обид со спонзор од странство да се покрие огромниот „минус“. Во АБА не планираат вечно да ги чекаат Словенците, па веќе им е даден и ултиматум – најдоцна до 1 јули да ја расчистат финансиската состојба. Доколку не го сторат тоа, нивното место ќе му припадне на МЗТ Скопје, со што македонскиот шампион по две сезони пауза би се вратил во елитното регионално кошаркарско натпреварување.

Егзодусот на кошаркари од Приморска продолжи и во последните неколку дена, откако екс-тренерот Големац кај себе во Олимпија ги прибра и Хоџиќ и Димец, a претходно уште во текот на минатата сезона си заминаа и останатите стартери како Шишко, Јагодиќ – Куриџа, Харис, Холт… Од МЗТ Скопје најавија дека ќе ја почекаат одлуката на АБА за да видат дали ќе настапуваат во првата или втората лига од ова натпреварување, пред да почнат со изборот на странски кошаркари кои би го носеле дресот на „металците“ во наредната сезона.

Се вчитува...