МЗТ до лесна победа против Охрид, Гостивар по продолжение славеше во Кавадарци

Кошаркарите на МЗТ Скопје сосема очекувано извојуваа лесна победа од 88-61 во 16. коло од Првата македонска кошаркарска лига.

Без никакви проблеми „металците“ стигнаа до 13-та победа сезонава, навестувајќи ја уште од првата четвртина која ја добија со 17-10. Се понатаму беше рутина.

Најефикасен во домашниот состав беше Бојиќ со 15 поени, а 13 поени постигна Самарџиски. Дванаесет поени запиша Младеновски, а по 11 поени Соколов и Медфорд. Кај охриѓани Дрекаловиќ мечот го заврши со 31 поен и седум скока.

Фени Индустри и Гостивар одиграа драматичен натпревар кој на крајот им припадна на гостите дури по продолжение со 80-90. Во регуларниот дел мечот заврши 77-77.

На дуелот во салата „Јасмин“ во Кавадарци, Гостивар иако беше во загубена позиција во последните секунди од регуларниот дел дојде до 77-77, а потоа со одлична игра во продолжението кое го доби со неверојатни 3-13 дојде до триумфот.

Предводник на гостиварци до победата беше Трајковски со 22 поени и 15 скока, а Костоски запиша 20 поени. Во поразениот тим на Фени залудни беа 32 поени и девет скока на Фунденбург, а 21 поен постигна Филип Бакоч.

По денешната победа МЗТ Скопје се врати на врвот од табелата со 13 победи и два порази, колку што има и Блокотехна. Работнички е со натпревар помалку од најголемите ривали за врвот, но има 13 победи и само еден пораз.

Се вчитува...