МЗТ до Работнички: Дебарските марифетлуци веќе не минуваат никаде

МЗТ Скопје преку соопштение до јавноста реагираше на вчерашниот допис од Работнички и жалбите од „црвено-белите“ околу плукањето и фрлањето на тврди предмети кон нивните кошаркари.

Сооштението на актуелниот шампион на Македонија го пренесуваме во целост:

Долго време размислувавме дали воопшто да одговориме на соопштението на Работнички со цел да го заштитиме интегритетот на македонската кошарка од јавни препукувања  на тимовите кои важат за перјаници на овој спорт кај нас. Но, не можевме да издржиме, а да не изреагираме на невистините изнесени од нашиот спортски ривал.

Сите оние што завчера беа во салата „Јане Сандански“ или, пак гледаа на телевизија се свесни дека тоа што Работнички го потенцира во соопштението е една огромна – смешка. Ниту им била загрозена безбедноста, ниту врз нив била вршена тортура, за разлика од тоа  што ние редовно го преживуваме при секое седнување на клупата во „Градски парк“ која, случајно или не, е директно под нивните највоинствени навивачи. Судиите не изрекоа ниту една опомена за навивачите, немаше ниту еден прекин, средбата мина во најспортска атмосфера, а присутните во салата уживаа во тоа што го следеа на паркетот.

Ако центарци не ни веруваат нам, им препорачуваме да ги прочитаат односно слушнат извештаите од дербито во буквално сите медиуми, електронски или пишувани, каде што во суперлативи се пишува за сѐ што се случуваше во нашата сала. Во случај да не им се чита, тогаш барем нека ги погледнат фотографиите од трибините. Ќе видат расположени дечиња, обични вљубеници во кошарката, пензионери, па и цели семејства кои без никаков проблем и грижа за безбедноста се восхитуваат на мајсториите на актерите на паркетот. Сцени какви што тешко може да се видат од „Градски парк“ во последниве години.

Работнички се лаже ако мисли дека никој не ја сфатил поентата на соопштението, но не таа напишаната, туку таа меѓу редови. Ниту МЗТ Скопје Аеродром, а веруваме ниту МКФ, не се од Дебар. Знаеме дека ви е страв од можноста да останете без опцијата да играте во вашата сала ако не ги исполните зададените безбедносни нормативи. Затоа вршите притисок со детски закани дека нема да си играте повеќе со нас ако Куќата на кошарката не ви го даде тоа што го сакате. А, тоа е играње финале во супстандардни услови, на ивица на инцидент, каде што противникот повеќе би размислувал да спаси жива глава отколку дали ќе победи на теренот.

Е, такви дебарски марифетлуци повеќе не ви поминуваат. Ниту кај нас, а убедени сме ниту кај МКФ и кај спортската јавност во Македонија. Едноставно, прочитани сте! Затоа, подобро е наместо на игри надвор од паркетот да се сконцентрирате на тоа што се случува на него. Заборавете на сите финти, направете сѐ и во „Градски парк“ да биде како што беше завчера  во „Јане Сандански“ и овозможете ѝ на јавноста да ужива во прекрасната игра со портокаловата топка. Теренот нека реши кој е подобар, а не играриите надвор од него. Тоа е единствениот начин на кој ќе се избориме кошарката пак да биде спорт број еден кај нас.
А, да. Не заборавивме и на извинувањето кое го побаравте. Господа од Работнички, извините што излеговме од матрицата во која живеете, што сторивме сѐ да организираме спектакл и што направивме вечното дерби да биде настан во кој ќе уживаат сите, односно пресметка која ќе им биде достапна на сите. Без разлика за кој тим навиваат.

И ви ветуваме дека така ќе биде на секој иден меѓусебен дуе

л на нашите два тима. На вас е дали ќе го прифатите нашиот пример!

Се вчитува...