МЗТ доминантен: Победа за починатиот Мац и пласман во големото финале

МЗТ Скопје е првиот финалист во кошаркарскиот плејоф на Македонија откако аеродромци со максимални 3-0 во победи славеа во полуфиналната пресметка со ТФТ. Вечерашниот дуел заврши со триумф на „металците“ од 58-72, максимално емотивен ако се знае дека МЗТ играше за својот легендарен навивач Марјан Михајловски – Мац кој почина во текот на вчерашниот ден.

Избраниците на Васко Атанасов и пред мечот најавуваа дека ќе одиграат за Мац, а зборовите ги претворија во дела со максимално залагање во текот на целиот натпревар, покажувајќи го својот квалитет за кој противникот немаше одговор. МЗТ доминираше од самиот почеток, добивајќи ја првата четвртина со 19-28. ТФТ намали на 27-31 во вториот период, но следеше нова серија на „металците“ кои резултатски се одлепија, на одмор заминувајќи со убедливи „плус 12“ (32-44), по што рутински го контролираа мечот до самиот крај и конечните 58-72.

Баковиќ со 14 поени беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје, додека по 10 поени постигнаа Војдан и Дамјан Стојановски. Кај ТФТ најдобар поединец во поразот во последниот овосезонски натпревар беше Американецот Хотон со дабл-дабл од 14 поени и 17 скокови.

Ривал на актуелниот првак во финалето ќе биде подобриот од полуфиналната серија меѓу Пелистер и Работнички каде битолчани имаат предност од 2-1 во победи.

Се вчитува...