МЗТ донесе американски центар со искуство од Украина, Словачка и Велика Британија

МЗТ Скопје продолжува со екипирањето на тимот за новата натпреварувачка сезона, откако аеродромци денеска го официјализираа доаѓањето на Еван Максвел, 27-годишен кошаркар кој со своите 208 сантиметри настапува на центарската позиција.

Максвел има зад себе тригодишно искуство во европската кошарка, настапувајќи во лигите на Украина, Велика Британија и Словачка. Тој минатата сезона ја мина во украинскиот тим Запорожје, каде што на 24 средби просечно реализираше 11 поени со 6,7 скока, додека претходно настапуваше за британскиот прволигаш Њукасл Иглс и за словачкиот тим БК Списка со просечна реализација на 13 поени со 6,4 скока односно 15,6 скока со 7,5 скока. Бројките му се солидни, но останува да се види како овој играч ќе се снајде во пресилната АБА-лига, против многу посериозни ривали од оние што ги имал во досегашниот тек од кариерата.

Од МЗТ Скопје се пофалија дека „Скаутите кои го следат очекуваат да биде едно од најпријатните изненадувања сезонава, не само на домашна сцена туку и во АБА-лигата“, но што ќе се случи доколку Американецот потфрли и биде променет, и испратен со неколку плати предвреме да му се раскине договорот. Вакви грешки правеше и претходната управа при избор на играчи за АБА2, но со ограничен буџет за АБА1, притисокот да не се направи „кикс“ во избор на нови засилувања е уште поголем.

Еван Максвел е четвртиот странец во тимот на МЗТ Скопје, по Србинот Миќовиќ и Американците Кафи и Ајви. „Металците“ имаат договор и со четворицата македонски репрезентативци, Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски и Дамјан Робев, а тренерот Петровиќ на располагање ќе ги има и тројцата младинци кои тренираа со првиот тим и ланската сезона, Димитар Иванов, Марко Спасовски и Бојан Величковски.

Се вчитува...