МЗТ Скопје е на само еден чекор до јубилејната десетта шампионска титула откако аеродромци славеа на домашен терен над Пелистер со резултат 75-67, за водство од 2-0 во финалната серија од плејофот што се игра до три победи. Слично како и на првиот меч во неделата, „металците“ беа во целосна контрола над играта и резултатот, демонстрирајќи ја својата надмоќ во однос на актуелниот вицепрвак на Македонија. Битолчани дадоа се од себе, но немаа сили да се изборат за егал-меч во кој би можеле да се надеваат на позитивен резултат, па им останува да се надеваат на следниот натпревар на домашен терен би можеле да ги замрсат сметките на фаворитот и да ја одложат шампионската титула на „сино-белите“ од Скопје.
Денешниот натпревар почна со одлични почетни минути на Андреј Маслинко, кој реализираше седум поени во низа за рано водство на гостите од Битола од 0-7. Дамјан Стојановски погоди тројка како први поени на МЗТ Скопје, по што актуелниот првак ја врати сигурноста и во нападот, но и во одбраната. „Металците“ влегоа во посакуваниот ритам, па со петте поени во низа на Војдан Стојановски поведоа со 18-13, принудувајќи го Марјан Илиевски да побара тајмаут. Сепак, налетот на аеродромци продолжи, па со поените на Андоновски стигнаа до првото двоцифрено водство (23-13), пред серијата на домаќините да ја прекине Маслинко со својот деветти поен на мечот. На крајот, првата четвртина заврши со предност на МЗТ од 25-17, по новите поени од контранапад на Андоновски и двете промашени слободни фрлања на Карутерс.
Вториот период почна со слаба игра во нападот на двете страни, а по забивањето на Абу за 31-19 во 14. минута, Илиевски беше принуден повторно да побара минута одмор за својот тим. МЗТ рутински ја одржуваше двоцифрената предност во текот на четвртината, а гостите на 19 секунди до крајот од контранапад спуштија на 44-35, по што Атанасов побара тајмаут за домашниот тим. „Металците“ можеа да ја чуваат топката до последната секунда, но по едноа погрешно додавање им дадоа шанса на гостите, на спротивната страна Маслинко беше непрецизен во обидот за три, па на одмор се замина со „плус девет“ за МЗТ Скопје (44-35).
И третата четвртина почна во ист стил како и втората, со многу промашени шутеви на двете страни. Војдан Стојановски по неколку минути го врати МЗТ во ритам во нападот, Пелистер имаше соодветен одговор, но битолчани немаа сили да се вратат во мечот, па разликата се движеше околу десет поени за актуелниот првак. Американците Вер и Кефи погодија тројки во серија за МЗТ, гостите се обидоа и со ниска петорка со Маслинко како центар, но „сино-белите“ рутински ја одржуваа предноста и во последната четвртина се влезе со водство на МЗТ Скопје од 62-50.
„Металците“ рутински ја одржуваа предноста во првата половина од четвртината, но Пелистер влезе во серија, па на четири минути до крајот гостите намалија на 69-63. Андоновски погоди во вистински момент за МЗТ Скопје, гостите имаа три напади при 71-65, пред точка на мечот да стави Војдан Стојановски. Најдобриот кошаркар на МЗТ најпрвин украде топка под сопствениот кош, а потоа погоди тројка со која стави крај на мечот, што неговиот тим го доби со конечни 75-67.
Војдан Стојановски одигра маестрален меч со 23 поени, четири асистенции и пет украдени топки, 15 поени постигна Абу, а одличен настап имаше и Андоновски, кој за 21 минута игра реализираше 12 поени и седум скокови (шут за два 5/5). Маслинко со 16 поени и 10 скокови беше главна фигура во таборот на Пелистер, во чиј табор Карпентер постигна 14, а Карутерс 12 поени.
Третиот меч од оваа финална серија се игра во Битола, каде МЗТ Скопје ќе има можност исто како и лани да го крене шампоионскиот трофеј во салата „Боро Чурлевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА