МЗТ е „пет од пет“ во Аеродром, совладан и Широки Бријег

МЗТ Скопје ја забележа и петтата победа во низа на домашен терен во АБА2-лигата, откако „металците“ го совладаа шампионот на БиХ, екипата на Широки Бријег, со убедливи 83-71. „Металците“ одиграа одличен натпревар, го контролираа резултатот и заслужено стигнаа до шестиот овосезонски триумф, со кој се искачија на второто место на табелата, зад лидерот Борац Чачак.

Гостите парираа само половина четвртина, за по нивното водство од 11-13 работите во свои раце да ги преземе Дамјан Стојановски. Капитенот на МЗТ постигна осум поени во низа, донесе водство од 19-13, а ниту тајмаутот на тренерот на Широки не промени премногу работи на теренот. Првата четвртина заврши со резултат 25-18, гостинскиот состав намали на 30-28, но потоа проработе одбраната на МЗТ, македонскиот првак пет и пол минути не прими кош, па стигна и до нова двоцифрена предност (39-28).

Резултатот на полувреме гласеше 41-31, а во третиот период проработе шутот од далечина, две тројки постигна и новиот Американецо Херис, па МЗТ стигна и до најубедливи 18 поени разлика (63-45). Гостите од БиХ не се предадоа, но македонскиот шампион знаеше како да го задржи нивниот налет, на крајот заслужено радувајќи се на нов триумф .

Американецот Хиндс беше најефикасен со 17 постигнати поени, по 13 реализираа Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски, додек Бојан Крстевски го заврши натпреварот со девет поени.

МЗТ Скопје в недела го очекува дерби против Работнички во салата „Градски парк“, по што на 28 ноември македонскиот претставник го очекува гостување во Србија против тимот на Динамик.

Се вчитува...