МЗТ едвај се провлече кај Охрид, Гостивар убедлив против Фени Индустри

МЗТ Скопје Аеродром во репрезентативен состав запиша помалку неочекувано неубедлива победа на гостувањето кај Охрид од 83-80 во дуелот од петтото коло во домашниот кошаркарски шампионат.

Првата и третата четвртина му припаднаа на домашниот состав, додека МЗТ за победата се избори благодарение на поуспешните втор и трет сегемент од средбата. Вицепрвакот имаше доволно залиха пред стартот од последната четвртина, па тоа што завршните десет минути ги загуби со убедливи 31-21 не предизвика суперсензација во домашното првенство.

Марко Симоновски со 27 поени и седум тројки од 13 обиди беше лидер во победата на МЗТ, Медфорд имаше 14 поени. Кај Охрид Кевин Хил ја предводи листата стрелци со 19 поени.

По два последовни пораза, Гостивар им се врати на победите. Триумфираше на домашен терен во пресметката со Фени Индустри со 94-70. Гостивар влезе сигурно во дуелот, веќе во првиот сегмент имаше двоцифрена предност. Гостинската екипа се закани само во еден дел од втората четвртина во чија средина по серијата од 13-7 го презеде водството. Сепак, тоа беше краток блесок на Фени, Гостивар потоа ја имаше комплетната контрола и доминација на теренот и заслужено го доби дуелот со 24 поени разлика. Александар Костоски со 23 поени беше прв стрелец во победничкиот состав, Фустингер и Димчевски запишаа по 17. Кај Фени, Фундербург имаше 16 поени, а Елиот 12.

Уште два натпревари од ова коло ќе бидат одиграни утре. Во нив Блокотехна ќе се обиде да ја задржи победничката серија на гостувањето кај Вардар додека во најинтересниот натпревар од оваа рунда, Кожуф го пречекува Куманово.

Бранителот на титулата и актуелен лидер на табелата, Работнички е слободен во ова коло, а мечот меѓу Шкупи и Пелистер не беше одигран поради суспензијата што му ја изрече МКФ на скопскиот состав, а поради неисплатени обврски кон федерацијата.

Се вчитува...