МЗТ фати победнички ритам, го декласираше Вардар со 30 поени разлика

Само една неизвесна четвртина и потоа тотална доминација на МЗТ Скопје Аеродром во дуелот на кошаркарскиот вицепрвак со Вардар од третото коло во домашното првенство во кој тимот на Ѓорѓи Кочов забележа убедлива победа од 102-72.

Воведниот сегмент од средбата му припадна на тимот на Вардар и беше единствениот во кој домаќинот на средбата беше конкурентен со фаворитот.

Во продолжението МЗТ ја презеде контролата, втората четвртина ја доби со 24-12 и веќе на полувремето имаше двоцифрена предност.

Огромната разлика во квалитетот највпечатливо ја покажа третата четвртина која на МЗТ му припадна со цели 20 поени разлика (34-14). Завршниот сегмент беше само рутниско зголемување на позитивата се до триумфот со огромни 30 поени разлика.

Андреј Маслинко со 20 поени беше прв стрелец кај вицепрвакот, Дамјан Стојановски кој играше само во периодот кога МЗТ резултатски се одлепуваше, запиша 17 поени. Андрија Бојиќ средбата ја заврши со 15 поени.

Кај Вардар, Џуниус Провел имаше 25 поени, по 10 запишаа Ивановиќ и Михајловски.

За МЗТ ова е втор триумф во  одмашното првенство, за Вардар пак трет неуспех во досегашните три одиграни рунди.

Се вчитува...