МЗТ го разнесе Златибор во последното коло од АБА2

МЗТ Скопје забележа победа од убедливи 90-71 на дуелот против Златибор, во последното коло од АБА2 лигата во кое и двата тима влегоа со осигуран пласман во разигрувањето од ова регионално натпреварување. „Металците“ значително ослабени допатуваа за овој турнир во Златибор, згора на тоа денеска незгодна повреда заработи и Адем Мекиќ, но тренерот Радуловиќ успеа да го извлече максимумот од оние кои ги има на располагање и да стигне до втората победа во низа.

Златибор беше подобар ривал само во првата четвртина, што српскиот претставник ја доби со 25-14. Домашните кошаркари на почетокот од вториот дел стигнаа и до најубедливи 30-14, резултат по кој МЗТ почна да се буди и предводен од одличниот Бојан Крстевски да ја топи негативата. „Металците“ уште до крајот на четвртината стигнаа до целосен пресврт, со тројката на Кристијан Николов поведувајќи со 36-37. На одмор се замина со предност на македонскиот првак од 40-42, за „сино-белите“ да одиграат уште подобро во последната четвртина. Николов и Дамјан Стојановски со тројки донесоа „плус петнаесет“, кршејќи го отпорот на противникот и осигурувајќи ја осмата победа во лигашкиот дел од АБА2.

Бојан Крстевски беше најдобар поединец и при овој триумф на МЗТ постигнувајќи 25 поени, одлична игра прикажа и Кристијан Николов со 18 поени, додека Тарнер го заврши мечот со 16 поени.

Се вчитува...