МЗТ Скопје забележа убедлива победа над Гостивар (95-74) во рамките од третото коло од Супер-лигата, како добраа увертира за вечното дерби со Работнички што следи претстојниот викенд. „Металците“ одиграа шампионски, цел меч го контролираа резултатот и на крајот заслужено славеа, покажувајќи далеку подобра игра под водство на Ѓорѓи Кочов отколку што тоа беше случај додека тренер им беше Жељко Лукајиќ. Ниту отсуството на Дамјан Стојановски не остави никаква трага врз играта на „сино-белите“, кои делуваа компактно и во нападот и во одбраната, најавувајќи подобри игри при битката за одбрана на титулата во финишот од оваа сезона.
Бојан Трајковски одлично го отвори мечот, постигнувајќи осум од првите десет поени на МЗТ Скопје за водство од 10-4. „Металците“ лесно го контролираа резултатот, не дозволувајќи Гостивар да направи пресврт. Првата четвртина заврши со резултат 26-19, а на одмор се замина со предност на МЗТ од 53-45, пред се благодарение на одличниот Крофорд и неговите 14 поени.
Во второто полувреме на американскиот плејмејкер му се приклучи Бојиќ, кој реализираше неколку напади во низа, па шампионот на стартот од третата четвртина за првпат дојде и до двоцифрена предност (60-50). Отпорот на гостиварци беше скршен, позитивата на МЗТ Скопје стануваше се поголема, па резултатот на крајот од третиот период гласеше 85-65. Во првите четири минути од последната четвртина беа постигнати само три поени (тројка на Соколов), убедливата разлика придонесе да дојде до опуштање кај двата тима, па МЗТ рутински го приведе мечот до крај и конечни 95-74.
Крофорд беше прв стрелец на шампионот со 24 поени, Симоновски постигна 18, додека Бојиќ оствари дабл-дабл од 16 поени и 11 скокови. Кај Гостивар најзабележителни поединци беа Таварион со 16 и Магдевски со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА