МЗТ ја смени „плочата“, па си ја врати титулата

Ѓорѓи Кочов неслучајно меѓу оние кои ги потенцираше како најзаслужни за освоената титула, го посочи директорот Тоно Грнчаров јавно заблагодарувајќи му се за довербата во периодот кога играта и резултатите беа далеку под очекувањата. Бидејќи на младиот стратег му е јасно дека ако истото се случеше пред неколку сезони, кога тогашниот градоначалник ги влечеше и спортските потези, неговиот престој во „Јане Сандански“ немаше да биде подолг од неколку месеци. Актуелниот прв човек на Општина Аеродром помага од финансиски аспект, но за разлика од својот претходник кога станува збор за спортскиот аспект, тука одлуките ги остава на постручните од него.

Грнчаров уште од седнувањето на функцијата најави дека желба му е да воведе стабилност, прекинувајќи ја традицијата МЗТ секоја година да менува по најмалку два-три тренери, и уште повеќе странски кошаркари. Сезоната ја почна со Бојиќ, Иванов, Вудард и Медфорд и ја заврши со истите четири странци, нешто што на аеродромци им се нема случено десетина години наназад. Ист беше случајот и со Кочов, кој се соочи со огромен притисок, особено по Купот на Македонија и поразот во полуфиналето од Работнички. Навивачите бараа смена, но Кочов ја доби поддршката од управата. И се заблагодари на најдобар можен начин – со враќање на титулата назад во Аеродром.

Секако, секогаш има простор за напредок, но за МЗТ Скопје е исклучително важно што покажа стабилност и истрајност околу избраната стратегија. Базата е поставена, со останувањето на тренерот и дел од клучните играчи, со вистински засилувања, догодина ќе се бара уште еден чекор напред – враќање назад во АБА-лигата.

Се вчитува...