МЗТ на испит против шампионот на АБА-лигата

МЗТ Скопје со денешниот дуел против шампионот Црвена Звезда (17 часот, СЦ „Јане Сандански“) го стартува вториот круг од натпреварувањето во АБА-лигата. Првиот круг беше разочарувачки, а скорот од само две победи и единаесет порази придонесе „металците“ по десеттиот неуспех да се решат и за тренерска смена.

Драган Николиќ беше блиску до победничко деби, но „металците“ несреќно загубија во Загреб од Цибона, па новиот тренер сега влегува во пеколниот распоред на АБА-лигата, дуелите со Црвена Звезда, Партизан и Будуќност.

Јасно е дека фаворитската улога му припаѓа на гигантот од Белград, кој ќе настапи без повредениот Вилдоза, но засилен со Кампацо, а аеродромци ќе се обидат да одиграат подобро отколку во првото коло, кога во Белград загубија со 87-67. Последниот меч во Скопје меѓу овие два ривали, во јануари 2018 година, заврши со убедливи 58-92 за „црвено-белите“ , a МЗТ единствената победа над овој ривал ја забележа во декември 2013 година, со 65-58.

„Би сакал пред се на сите да им ги честитам новогодишните и божиќните празници, со желба за среќа и здравје. Играме против најсилниот можен противник, најголемиот фаворит за титулата во АБА, кој има реални шанси и за пласман во плејофот во Евролигата. Црвена Звезда има широк ростер, има одличен тренер кој прави чуда и без многу играчи кои се повредени, за што потврда е вчерашниот триумф во Валенсија. Згора на тоа, белградскиот тим против нас ќе биде посилен и за фантастичниот Кампацо, што уште повеќе ќе им ја зголеми ионака огромната фаворитска улога. Сепак, ова не значи дека МЗТ однапред ќе се предаде. Нашата цел останува опстанокот во АБА, поради што ќе мораме на скеој меч да го дадеме максимумот, без разлика на силината на противникот. Се надвам дека наивачите ќе дојдат во голем број и ќе ни ја дадат потребната поддршка од трибините, каде очекувам спектакл“, изјави тренерот Николиќ во пресрет на денешниот натпревар.

Се вчитува...