МЗТ не го дава Аеродром – победа во првиот финален натпревар

МЗТ Скопје успеа да го одбрани домашниот терен во првиот финален натпревар против Еуро Никел откако славеше со 83-81. Аеродромци потфрлија на почетокот на средбата, во првата четвртина кавадарчани имаа предност од 16 поени, но избраниците на Радуловиќ на време ја стабилизираа својата игра и веќе до полувремето стигнаа до предност. Гостите не се предадоа, на крајот на мечот стигнаа и до негатива од само еден поен, но не успеаја да дојдат и до целосен пресврт.

Отворањето на натпреварот му припадна на составот на Еуро Никел кој преку агресивната одбрана на бековска линија на МЗТ Скопје создаде проблеми во организацијата на нападот на аеродромци. Избраниците на Самарџиев преку добриот проток на топката постигнуваа лесни поени на спротивната страна па поведоа со 14-0. Гостите продолжија да го контролираат мечот и да ја користат лошата реализација на домаќините и до крајот на првите десет минути, во еден момент имаа и предност од 8-24, но избраниците на Радуловиќ во вистински момент ги консолидираа своите редови, го одржаа фоксуот и успеаја да ја сведат негативата на едноцифрена (17-25) по првите десет минути. Добриот моментум на МЗТ Скопје продолжи и на отварањето на втората четвртина, одлично функционираше брзата транзивија по промашените обиди на Еуро Никел па домаќините експресно го превземаа водството. Кавадарчани успеаја да ја стабилизираат играта до крајот на првото полувреме, но избраниците на Радуловиќ преку подобриот шут од поле беа оние кои имаа предност од 41-37 по 20. минути игра.

Добрата одбрана на МЗТ Скопје продолжи и на отварањето на второто полувреме, а течниот напад донесе отворени обиди за три поени на спротивната страна кои ‘штрковите’ ги искористија па поведоа со 56-45. Тајм-аутот на Самарџиев вроди плод, преку тројките на Дубински Еуро Никел успеа да ја намали предноста, но МЗТ Скопје одговори со агресивна одрана и го натера гостинот на изгубени топки кои ги реализираше на спротивната страна за водство од 68-56 пред последната четвртина. Еуро Никел на крилјата на Петровски и Соколов постојано ја бркаше негативата во последните десет минути, а поранешните кошаркари на МЗТ Скопје на две минути пред крајот ја сведоа истата на само два поени (79-77). Крстевски во следниот напад реализираше за 82-78, а домаќините имаа и шанса да приредат мирен финиш но на 20 секунди пред крајот Магдевски промаши за три поени, а Дубински со тројка на спротивната страна донесе нова драма (82-81). Еуро Никел го немаше исполнето бонусот, а избраниците на Самарџиев не успеаја да направат две лични грешки за 16 секунди со што домаќинот успеа да го одбрани домашниот терен.

Феми Олуџоби со 24 поени беше прво име кај победникот, додека кај поразените 15 постигна Дубински.

Се вчитува...