МЗТ подготвува отказ за Ѓорѓи Кочов

Актуелниот првак МЗТ Скопје е подготвен за разделба од тренерот Ѓорѓи Кочов по серијата слаби игри на тимот како на домашно, така и на регионално ниво, дознава ЕКИПА. Челниците на „металците“ не беа најзадоволни од настапите на тимот во македонската лига, но чашата беше прелиена по катастрофалните игри на последниот турнир од АБА2-лигата што се одржа во Бања Лука.

Таму МЗТ едвај го совлада тимот на Хелиос, кој настапи со само седум играчи поради проблеми со коронавирусот, по што следеа убедливи порази од Слобода Ужице (70-81) и од Студентски центар (75-92). Овие два резултати дополнително ги намалија шансите на македонскиот шампион за влез во елитното друштво од АБА, а управата планира во најскоро време да изврши тренерска смена, како „шок-терапија“ пред клучниот дел од сезоната во мак-баскетот.

Ова раководство на МЗТ во неколку наврати потенцираше дека има доверба во македонските тренери, но се уште е неизвесно кој стручњак ќе го наследи Кочов на клупата на „металците“. Една од опциите е да биде ангажирано привремено решение до крајот на сезонава, но што поскоро да биде договорена соработката со стратег што од 1 јули би почнал со работа во МЗТ, во обид клубот од Аеродром да сврти нов лист.

Се вчитува...