МЗТ покажа како се освојува „Парк“, на Работнички му треба свежа крв (фотогалерија)

По четири порази во низа, МЗТ Скопје конечно најде начин како се победува Работнички, и тоа во домот на лутиот градски ривал. Натпревар што резултатски можеби имаше и најмало значење, бидејќи допрва ќе следат најважните пресметки на овие противници, но за самодовербата на „металците“ дефинитивно многу важен триумф, како за претстојните предзвици на домашната сцена, така и во пресрет на полуфиналниот двомеч од АБА2 против Спарс.

Почетничките грешки направени во последната минута (пет секунди свирени и на Медфорд и на Соколов) се нешто недозволиво кога ќе се води битката за трофеи, радува одличниот издание на Самарџиски, стандардно добриот Иванов, а многу значајно за МЗТ е што победи и во ситуација кога капитенот Дамјан Стојановски беше предалеку од посакуваната форма (6 поени со шут од поле 1/12).

Што се однесува до Работнички, очигледно е дека на Марин Докузовски му е неопходна свежа крв ако сака да ја одбрани титулата. Ротацијата беше дополнително ослабена со неиграњето на Николовски, а во ситуација кога не му одеше на Чавдар Костов се инсистираше на шут од далечина, што на крајот не се исплатеше (со двете промашени тројки за израмнување на Костов и на Мираковски). Паузата од две седмици без натпревар беше причина „црвено-белите“ да се мачат да влезат во ритам, па јасно е дека Докузовски ќе извлече поука од поразот, но и ќе побара нови играчи токму во пресрет на клучниот дел од сезоната.

Се вчитува...