МЗТ потврди: Кочов останува на клупата на аеродромци

Ѓорѓи Кочов останува на клупата на МЗТ Скопје потпишувајќи нов двогодишен договор со шесткратниот шампион на Македонија. Информацијата што ЕКИПА ја објави пред околу еден месец денеска беше и официјално потврдена од страна на раководството на клубот, кое го ревидираше договорот со младиот стратег.

„Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го реши тренерското прашање за следниот период, откако денеска беше ревидиран и потврден договорот со актуелниот стратег Ѓорѓи Кочов, кој се обврза да седи на клупата на шампионот најмалку во следните две сезони. Станува збор за млад тренер и поранешен селектор на јуниорската репрезентација на Македонија, кој на почетокот на април го наследи Жељко Лукајиќ и ја доврши сезоната како прв стратег, откако кон крајот на минатата година дојде во Аеродром како негов прв помошник“ – објавија аеродромци на својата официјална вењ-страница.
Кочов дојде во „Јане Сандански“ од таборот на Вардар, каде што одработи една ипол сезона како предводник на овој тим, прво во Првата лига, а потоа и во второлигашка конкуренција. Претходно, тој освои куп златни медали со јуниорскиот и младинскиот состав на Вардар, поради што во 2016 година беше прогласен за најдобар тренер во Македонија во младинска конкуренција. Тој најпрвин беше асистент на Жељко Лукајиќ, а по заминувањето на Србинот го презеде и местото на шеф на стручниот штаб.
Предводникот на МЗТ Скопје Аеродром зад себе има и солидна играчка кариера и тоа настапувајќи за матичниот Работнички како и за Вардар 2000, МЗТ Скопје Аеродром и за Вардар Апаве, каде ја заврши кариерата на крајот од сезоната 2015/16.

Се вчитува...