МЗТ потврди – Вудард е последниот странец за летово во Аеродром

Џејмс Вудард е четвртото и последно странско засилување на МЗТ Скопје за ова лето откако актуелниот македонски вицешампион денеска го објави трансферот на американскиот бек, кој би требало да има значајна улога во тактиката на тренерот Ѓорѓи Кочов.

„Станува збор за експлозивен кошаркар, кој игра на двете бековски позиции и кој дефинитивно ќе биде едно од најголемиот офанзивни оружја на нашиот тим на претстојните натпревари. Минатата сезона ја мина во дресот на литвански Невезис заедно со вториот Американец во нашите редови, Лестер Медфорд, што и тоа како е добредојдено за тренерот Ѓорѓи Кочов, кому ќе му треба многу помалку време да го воигра бековскиот двоец. Во силното првенство на Литванија просечно реализираше 9,8 поени, три скока и 2,1 асистенции додека во ФИБА Еврокупот имаше и подобар просек од 10,1 поен, 3,9 скока и 1,8 асистенции“ – објавија на официјалната веб-страница на МЗТ Скопје.

Вудард е последното странско засилување летово за нашиот клуб, кој сега има девет кошаркари подготвени да го остават срцето на терен за остварување на зацртаните цели – освојување на двојната круна и борба за самиот врв на табелата во АБА2-лигата. Претходно беа ангажирани Медфорд, Хрватот Иве Иванов, како и повратникот Љубомир Младеновски, а од минатата сезона останаа капитенот Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко и Србинот Андрија Бојиќ.

Се вчитува...