МЗТ пред портите на АБА1: Приморска не може да добие лиценца во Словенија

МЗТ Скопје се наоѓа чекор понапред до влез во АБА-лигата откако беше обелоденето дека тимот на Приморска не може да добие лиценца за настап во словенечкото првенство, со што би го загубил правото и да биде дел од елитното регионално натпреварување. Рокот за аплицирање за лиценци во Словенија за наредната сезона истече, а комисијата обелодени дека од двете екипи кои се одбиени едната е токму актуелниот првак Приморска.

Тимот од Копер се соочува со огромни проблеми, според неофицијалните информации долгот ја надминува сумата од 1,5 милиони евра, а пропаднаа и последните обиди за наоѓање на нов спонзор. Во меѓувреме на играчите и тренерите на кои им се должи им здодеаја празните ветувања, па ги активираа тужбите за наплата на договорите. Токму поради овие неисполнети обврски Приморска не доби лиценца, а и тешко дека ќе може да добие дури и доколку се жали на првичната одлука. Доколку жалбата биде одбиена, тоа ќе значи преселба на овој клуб во најнизок ранг на натпреварување, со што и дефинитивно ќе пропаднат надежите на Приморска за опстанок во АБА.

Ваков расплет со нетрпение очекуваат во таборот на МЗТ Скопје, со оглед на фактот дека „металците“ како третопласирани од АБА2 се „прва резерва“ во случај некој од тимовите од елитното друштво да испадне од конкуренција.

Се вчитува...