МЗТ Скопје сериозно се активира на трансфер-пазарот, актуелниот првак веќе го договори репрезентативецот Лука Стојановски, а во тек се преговорите за ангажман на уште двајца членови на нашиот сениорски национален тим.
Првиот е Адем Мекиќ, крилниот кошаркар кој во неколку наврати ги бранеше боите на аеродромци, а сега е на добар пат да се врати назад во дресот на МЗТ. Преговорите се веќе во тек и наскоро би можеле да завршат со потпис на Мекиќ, кој ланската сезона ја заврши како член на хрватскиот вицепрвак Задар.
Покрај Мекиќ, „металците“ се во разговори и за ангажман на Виктор Ташовски. Експлозивниот плејмејкер имаше одлична сезона во дресот на ТФТ, но се очекува да ги промени клупските бои летово. За Ташовски се интересираат неколку македонски суперлигашки, но доколку не замине во странство тој речиси сигурно ќе го избере МЗТ за следна дестинација во кариерата.
„Сино-белите“ ги задржаа Војдан и Дамјан Стојановски како лидери на тимот, а во однос на ланскиот ростер аеродромци во следната сезона од домашните играчи ќе ги немаат Бојан Крстевски и Андреј Маслинко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
