МЗТ против ФМП за изненадување и прва победа во Железник

МЗТ Скопје денеска од 18 часот во Белград му гостува на ФМП во првиот натпревар од седмото коло во АБА лигата. Аеродромци на овој меч патуваат со цел враќање на победите во регионалното првенство, но нема да им биде нималку лесно против тимот кој е вистински хит на отварањето на сезоната.

„Пантерите“ по шест одиграни кола се при самиот врв на табелата со скор од пет победи и еден пораз, додека „штрковите“ кои имаа тешок распоред во воведот на сезоната забележаа само една победа.

МЗТ Скопје во Железник воедно ќе ја бара и првата гостинска победа против „црвено-белите“. Досега српскиот состав славеше на двете средби одиграни во главниот град на Србија, а единствената победа на „сино-белите“ е во првиот меѓусебен меч одигран во Скопје.

„Ќе сториме се адекватно да се подготвиме за дуелот против ФМП кој доаѓа во еден навистина густ распоред на натпревари во кои за поголем дел од нас беа и обврските кон репрезентацијата. Протвиникот игра одлично, во добра форма е, но нашата цел е да дадеме се од себе и да пробаме да изненадиме. Ако Задар како гостин успеа да ја совлада Црвена Звезда, тогаш зошто и ние да не се надеваме да го совладаме ривалот од Железник“, вели Дамјан Робев.

МЗТ Скопје на овој натпревар ќе биде и покус во ротацијата откако спогодбено го раскина договорот со центарот Еван Масквел, па останатите високи играчи ќе мораат да бидат на врв на својата задача во битката под обрачите.

Се вчитува...