МЗТ се буди по „нокаутот“, Блокотехна сака реприза

МЗТ Скопје и Блокотехна ја продолжуваат полуфиналната битка, со денешниот трет натпревар што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18 часот. По првите две средби резултатот е израмнет, 1-1, а денешниот дуел ќе покаже дали и колку МЗТ се рехабилитираше по поразот претрпен пред само два дена во Гевгелија, кога во очајна дефанзивна партија актуелниот првак прими дури 106 поени, најмногу во домашното првенство сезонава.

„За жал се појавија некои стари навики од почетокот на сезонава, пристапот не ни беше вистински и затоа загубивме во Гевгелија. Реков и пред тој меч, многу е важно да ја посакувате победата повеќе од противникот, тоа ќе биде многу значајно и на третиот дуел, на кој мораме да бидеме на висина на задачата“ – изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.

На спротивната страна, Блокотехна игра без притисок поради фактот дека дебитантот во првата лига веќе оствари огромен успех со самиот пласман во полуфиналето. Сепак, тренерот Марјан Илиевски и неговите избраници ќе сторат се за повторно да го земат скалпот на актуелниот првак, откако во петокот покажаа дека знаат да најдат лек за одбраната поставена од Кочов.

„Ние секогаш играме добро против МЗТ Скопје, имаме падови во одредени мигови, што ќе настојуваме да ги минимизираме на овој натпревар. На првиот меч во Скопје бевме израмнети во голем дел од натпреварот, сигурно жалиме што немаме 2-0, но јасно е дека оваа серија ќе биде максимално израмнета. Ни останува да се обидеме и на гостински терен да одиграме како пред два дена во Гевгелија и да сториме се за да стигнеме до триумф“ – истакна Марјан Илиевски.

Се вчитува...