МЗТ Скопје со многу, многу мака успеа да стигне до триумф на стартот од Супер-лигата, совладувајќи го тимот на Куманово со резултат 81-79. Гостите одиграа извонредни три четвртини, но поради премалата ротација немаа сили да го издржат темпото, па шампионот предводен од Дарко Соколов се врати и на крајот се радуваше на победата.
Првата четвртина донесе неверојатно ефикасна игра во нападот, пред се со ударите од далечина. МЗТ Скопје погоди пет тројки од исто толку обиди, кумановци беа седум пати прецизни од ударите од далечина, па шампионот го доби овој дел од мечот со 29-27. Во меѓувреме гостите се соочија со дополнителни проблеми поради личните грешки на Караколев и на Штерјов, но Александар Петровиќ извонредно ги мотивираше своите кошаркари кои одиграа фантастичен натпревар. Шутот од далечина престана да ги служи домаќините, а кумановци знаеја како да го искористат тоа, па на одмор заминаа со предност од 39-43. Извонреден во овој период беше Бобан Стајиќ, откако плејмејкерот на Куманово за едно полувреме имаше десет асистенции, една повеќе од целиот тим на МЗТ Скопје.
Домаќините се надеваа дека кумановци нема да можат да го издржат темпото, но избраниците на Петровиќ продолжија со одличен настап, пред се во нападот. Шутот продолжи да ги служи гостинските кошаркари, а Лукајиќ делуваше немоќно на тајмаутите да смени нешто повеќе во играта на својот тим. Стајиќ продолжи да го разигрува тимот, а по неговата тројка и прецизниот обид на Ковач тимот на Куманово стигна и до првата двоцифрена предност (43-53). МЗТ делуваше немоќно, Синовец доби и техничка грешка за приговор кон судиите, па гостинскиот тим влезе во последната четвртина со одлична позитива од 54-65.
Дарко Соколов го разбуди актуелниот првак, МЗТ Скопје влезе во серија, па Александар Петровиќ побара тајмаут откако предноста на неговиот тим набрзина се преполови (59-65). При првиот напад по тајмаутот Мекиќ постигна тројка, но „металците“ предводени од Соколов експресно намалија на 66-68, по што гостинскиот стратег експресно побара нова минута одмор. Сепак, советите не вродија со плод, а МЗТ Скопје знаеше како да ја продолжи серијата, па во 36. минута аеродромци преку Спасојевиќ по подолга пауза се вратија во водство (72-70).
Ковач ја погоди петтата тројка и ги врати кумановци во минимална позитива (72-73), а на помалку од три минути до крајот прецизен беше и Мекиќ, по офанзивен скок. Во последните две минути се влезе со резултат 74-75, а по новото промашување на Стајиќ на спротивната страна Симоновски постигна тројка, со своите први поени носејќи му предност на МЗТ од 77-75. По новиот тајмаут Стајиќ направи уште една грешка, овојпат чекори, но во следниот напад Ковач погоди под кошот за израмнување на 77-77 на помалку од една минута до крајот. Сега дојде ред на Лукајиќ да земе тајмаут, а веќе во следниот напад Нешовиќ погоди тројка. Ѓекиќ го промаши следниот напад за Куманово, по што стана јасно дека победата ќе остане во Аеродром, изразена со конечни 81-79.
Јуре Лалиќ оствари дабл-дабл од 17 поени и 10 скока, Дамјан Стојановски постигна 14, а Дарко Соколов 12 поени. Кај Куманово најдобри поединци беа Ковач со 23 поени, Мекиќ со 20 поени и Стајиќ, кој го заврши мечот со седум поени, седум скока и 14 асистенции, но и неколку грешки во самата завршница од натпреварот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА