МЗТ се враќа во АБА: На мегдан со Црвена Звезда во Белград

МЗТ Скопје повратничката сезона во АБА лигата ја започнува од Белград против актуелниот шампион на првенството Црвена Звезда. Дуелот кој ќе биде одигран во салата „Александар Николиќ“ е закажан за 20 часот и на него македонскиот шампион ќе се обиде да се прикаже во најдобро светло против апсолутниот фаворит.

Аеродромци на мечот влегуваат во одличен ритам со четири победи во пет одиграни пријателски натпревари и Суперкуп трофеј во своите витрини, но ќе треба да бидат на самиот врв на својата задача за да се надеваат на победа против евролигашот.

Покрај тоа МЗТ Скопје игра и против традицијата. „Сино-белите“ не знаат за победа во Белград против Црвена Звезда, а досекогашниот биланс брои само една победа, онаа во 2013 година во Скопје и и 11 порази. Сепак „четата“ на Александар Петровиќ во главниот град на Србија не оди со бело знаме и ќе го остави срцето на паркетот.

„Не очекува интересна и тешка сезона. Пред се, кажав дека МЗТ оваа година ќе напаѓа на сите домашни титули, а примарна цел е да се опстане во АБА лигата. Ова натпреварување е меѓу трите најдобри во Европа. Веќе в сабота не очекува дуел со Црвена Звезда, евролигашка екипа со голем буџет кој е можеби десет пати поголем од нашиот. Сепак, нема да одиме со бело знаме, ќе дадеме се од себе колку што можеме. Имаме и повредени играчи, одиме да се надигруваме и да уживаме“, изјави Петровиќ.

Во фокусот на денешниот натпревар ќе биде битката против високите играчи на противникот. Аеродромци во Белград отпатуваа без повредениот Максвел па ќе бидат сериозно ослабени во заштита на рекетот, но „висината“ на противникот треба да се искористи од страна на бековите во нападот.

Се вчитува...