МЗТ Скопје 2 не знае за пораз против Академија ФМП – огромна победа на „штркчињата“ во Кисела Вода

МЗТ Скопје 2 по втор пат оваа сезона успеа да го земе „скалпот“ на Акдемија ФМП откако во 21. коло најмладиот состав во лигата славеше на гостувањето во Кисела Вода со 82-84. Избраниците на Даскаловски повторно покажаа карактер, успеаја да се вратат од негатива од осум поени на три минути до крајот на средбата и сосема заслужено стигнаа до петата победа во сезоната.

Домаќините го наметнаа своето темпо од самото отварање на натпреварот и веќе во првата четвртина стигнаа до двоцифрена предност, која Леонид Тодоровски ја намали на 22-14 по 10. минути игра. Сепак напаѓачко темпо избраниците на Петровиќ не успеаја да го пренесат и до крајот на првото полувреме, до кое „царуваше“ младиот состав од Аеродорм. Разиграниот состав на Даскаловски постигна 26 поени во втората четвтина, одигра и добра одбрана која дозволи само 16 примени поени, па гостите на полувремето заминаа со предност од 38-40.

На отварањето на второто полувреме се играше „кош за кош“, а ниеден тим не успеа да направи значајна предност. Благодарение на добрата игра на самиот крај на третата четвртина, Академија ФМП прв ја зема иницијативата и замина 59-55 по 30. минути игра, а добриот моментум на „пантерите“ продолжи и на отварањето на последните десет минути. ФМП постојано ја одржуваше предноста, имаше и „плус“ осум (74-66) на три минути пред крајот, но младиот состав на Даскаловски не се предаде. „Штркчињата“ одиграа одлично во одбраната, поентираа во следните десет напади и го превземаа водството. Академија ФМП имаше три шанси за продолжение или победа во последниот посед на средбата, но избраниците на Петровиќ не го најдоа решението против младиот состав.

Лука Стојановски беше предводник на Академија ФМП со 25 поени, додека дабл-дабл од 19 поени и 12 скока дополнети со 7 асистенции додаде Рони Харис. Со 16 поени и 6 скока средбата ја заврши Теодор Атанасов. Максим Митевски беше предводник на „штркчињата“ со 18 поени, 14 поени и 5 скока додаде Наумоски, додека еден поен помалку и 15 скока забележа Монтгомери. Како двоцифрени средбата ја завршија и Зекири и Дарио Митевски кои додадоа 11 поени и 8 скока, односно 10 поени и 4 асистенции.

Се вчитува...