МЗТ Скопје се наоѓа во очајна форма во АБА-лигата, претрпе порази на последните девет средби во регионалното натпреварување и македонскиот шампион се наоѓа закован на последното место на табелата. „Сино-белите“ вечерва (20 часот) ги очекува нов предизвик, гостување во Задар на екипата од која веќе загубија во Скопје во рамките од третото коло со 80-85. Желба за реванш со иста мера дефинитивно постои, но шансите за такво нешто се уште помали ако се земат во предвид проблемите со кои се соочува тренерот Лукајиќ. Плејмејкерот Павличевиќ беше отпуштен по конфликтот со навивачите, а згора на тоа повредени се Дарко Соколов и Марко Симоновски, па јасно е дека ротацијата на „металците“ ќе биде крајно лимитирана.
„За мене најважно на овој меч е да видиме што и колку сме запаметиле од она што го работевме изминатиов период. Добро е што увидовме што е лошо и како тоа да го исправиме. Пак се соочуваме со голем проблем, со оглед што ќе ни недостигаат дури тројца од оние кои досега го понесуваа товарот, што воопшто не е мала работа. Скусена ни е ротацијата на бековската линија, каде пак Задар е исклучително силен, со подолга клупа. Противникот е во добра серија, игра квалитетно и поединечно и тимско, но ние ќе одиграме максимално и ќе пробаме да дојдеме до посакуваниот резултат“ – изјави тренерот Лукајиќ.
Во прилог на домаќините оди и традицијата која вели дека МЗТ Скопје претрпел порази на последните четири гостувања во Задар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА