МЗТ Скопје ги бара Ливингстон и Рикиќ!

МЗТ Скопје е во преговори за да доведе во своите редови двајца квалитетни странски кошаркари, Американецот Отис Ливингстон и хрватскиот центар Роберт Рикиќ. Станува збор за двајца играчи кои лани беа меѓу најдобрите во македонското првенство, Ливингстон носејќи го дресот на Куманово, додека Рикиќ доминираше под обрачите во дресот на Еуро Никел.

Ливингстон имаше серија одлични настапи во дресот на кумановци, како во БИБЛ-лигата, така и во домашното првенство, наметнувајќи се како предводник на „сино-белите“. МЗТ е во потрага по експлозивен бек, а квалитетите на Американецот кои се веќе докажани на домашната сцена се доволна препорака за тој да биде високо на листата со желби на управата на аеродромци.

Веќе е испратена и понуда до Рикиќ, кој според актуелниот македонски првак би бил идеално засилување и за настапот во АБА2-лигата. Доминантниот центар беше огромен адут на Еуро Никел во походот до големото финале, па „металците“ неслучајно сакаат да го видат Рикиќ во своите редови. Сепак, Хрватот се уште тактизира и чека понуда во некоја од посериозните европски лиги, а доколку до тоа не дојде би можел да се пресели во редовите на МЗТ.

За разлика од него, Ливингстон е сериозно заинтересиран за трансфер и наскоро би можел и официјално да потпише договор со МЗТ Скопје.

Се вчитува...