Почетокот на новата година носи и кошаркарски спектакл во Скопје каде на МЗТ Скопје ќе му гостува Црвена Звезда. Актуелниот шампион на АБА во СЦ „Јане Сандански“ доаѓа на 8. јануари, а за мечот со евролигашот македонскиот шампион денеска ги пушти во продажба билетите кои ќе бидат со цена од 300, 400 и 500 денари.
Како што беше случајот и за натпреварот против Партизан, најскапата цена ќе биде за гостинските навивачи кои ќе имаат одреден дел од салата, согласно со Законот за спречување насилство на спортските терени.
„Согласно безбедносните насоки од МВР, а според Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), за навивачите, симпатизерите и за сите останати кои сакаат средбата да ја следат со обележја, знамиња или да навиваат за Ц. Звезда е обезбеден посебен дел во салата „Јане Сандански“. Станува збор за Блоковите 2,3,4,5, А1 и А2, кои ќе се продаваат по цена од 500 денари, а кои црвено-белите фанови ЗАДОЛЖИТЕЛНО ќе мора да ги поседуваат. Во спротивно, ако бидат забележани на друго место во салата, веднаш ќе бидат отстранети од спортскиот објект“, стои во соопштението на аеродромци.
Билетите ќе може да се купат во сите продажни места на „МКТикетс“ во Скопје и низ државата, како и преку интернет на www.karti.com.mk и на www.mktickets.mk, како и на билетарата пред СЦ „Јане Сандански“ на денот на натпреварот во периодот помеѓу 10 и 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА