МЗТ Скопје го брани Аеродром од Нови Пазар

Кошаркарите на МЗТ Скопје имаат можност експресно да се рехабилитираат од изненадувачкиот пораз од Еуро Никел, на денешниот дуел од АБА2 лигата, на домашен терен против Нови Пазар. „Металците“ досега имаат максимален ефект на домашен терен, серија што се очекува да ја продолжат и на денешниот меч со ривалот од Србија (19 часот, СЦ „Јане Сандански“).

„На гости ни доаѓа незгоден противник, кој е искусен и кој на последните пет средби постигнува над 90 поени. Клуч за наша евентуална победа дефинитивно ќе биде колку добро ќе одиграме во одбраната. Нови Пазар исто така често комбинира во дефанзивата, што го прави уште понезгоден. Немавме многу време за подготовка, но мислам дека кошаркарите ќе влезат спремни во оваа пресметка. Со максимална ангажираност и со помош од трибините се надеваме на позитивен исход“ – изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.

МЗТ Скопје влегува со скор 7-2 во вечерашниот дуел, додека Нови Пазар во досегашниот дел од сезоната во АБА2 има четири победи и пет порази. Треба да се истакне и дека последните две гостувања на Нови Пазар во АБА2 беа решени со продолженија, српскиот тим славеше со минимални 102-103 над Слобода, откако претходно загуби со 98-97 од Рогашка.

Се вчитува...