МЗТ Скопје го потпиша и младиот Исајловски

МЗТ Скопје продолжува со реализацијата на зацртаниот план, да привлече што повеќе талентирани млади кошаркари за да ги подобри резултатите на своите екипи во младинските категории, воедно и да се формира база од таленти од која потоа ќе се црпат играчи за првиот тим.

Во тој правец, „сино-белите“ денеска потпишаа договор со 17-годишниот јуниорски репрезентативец Виктор Исајлоски (200 см.), кој доаѓа од таборот на Феникс. Станува збор за исклучително талентиран крилен кошаркар, кој мина низ сите репрезентативни селекции и од кого селекторот Панче Милевски очекува многу на претстојното Европско првенство (ЕП), дивизија Б, кое ќе се одржи во Скопје.

Исајловски сега влегува во друштво на останатите таленти на МЗТ Скопје Аеродром кои и тоа како тропаат на вратата на сениорскиот тим, а меѓу кои дефинитивно се уште и Лука Стојановски, Андреј Настовски, Дамјан Миса и Леонид Тодоровски. Истовремено, ќе биде големо засилување за јуниорскиот состав на МЗТ Скопје Аеродром во обидот да се дојде до шампионскиот трофеј во оваа возрасна категорија.

Тој веќе знае како е да се носи сино-белиот дрес, со оглед што како позајмен играч беше дел од нашата екипа која на почетокот од годината настапи на јуниорскиот турнир на АБА во Белград за играчи до 19 години. Исајловски ги одигра сите четири средби против повозрасните противници, реализирајќи вкупно 17 поени.

Се вчитува...