МЗТ Скопје го заборави гостиварското фијаско и го освои Куманово

МЗТ Скопје екпресно го остави зад себе разочарувачкиот пораз од Гостивар и се врати на победнички патеки, славејќи на гостувањето против Куманово со резултат 87-93. „Металците“ повторно беа без Магдевски, Гравет и Дамјан Стојановски, но одиграа квалитетен колективен меч во кој преден план се истакна Адем Мекиќ, одигрувајќи го својот најдобар овосезонски меч во дресот на МЗТ.

„Металците“ фуриозно го почнаа мечот, поведувајќи со 5-13 по само неколку минути игра. Куманово нмаше одговор во одбраната за беспрекорниот напад на актуелниот првак, кој доминираше до крајот на четвртината, завршувајќи го првиот период од мечот со убедливи 21-34. Аеродромци продолжија во ист ритам, во втората четвртина имаа и најубедливи седумнаесет поени (32-49), но кумановци заиграа нешто подобро до крајот на полувремето и на одмор се замина со дванаесет поени разлика (43-55).

Разликата се спушти под десет на самиот почеток од третиот период, во кој Куманово успеа да дојде и до „минус пет“ (61-66) со поените на Зивчевиќ, но Олуџоби и Тарнер не дозволија целосен камбек на домаќините (66-73). И покрај обидите на кумановци за враќање и пресврт, МЗТ искусно ја одржа предноста до конечните 87-93.

Адем Мекиќ беше клучна фигура на овој меч предводејќи го шампионот со 24 поени, три скока и две асистенции, Тарнер постигна 17, а Крстевски и Олуџоби по 16 поени за победничкиот тим. На спротивната страна, најефикасни кај Куманово беа Робев со 20 и Зивчевиќ со 17 поени.

Се вчитува...