МЗТ Скопје: Игор Митровски е персона нон – грата во Аеродром!

МЗТ Скопје е на прагот да го загуби шампионскиот трофеј по вториот пораз во финалната серија од Работнички, но затоа сериозно конкурира за шампион во Европа според бројот на испратени соопштенија до јавноста. Во најновото се вели дека судијата Игор Митровски е персона нон – грата во Аеродром.

И по (не)проспиената ноќ по поразот од Работнички во вториот финален меч, сѐ уште  не може да сфатиме што (ни) се случи во последната секунда, кога судијата Игор Митровски од помошен персонал, кој постои само во интерес на кошаркарите, се промовира во главна ѕвезда и само за да си го задоволи егото ни нанесе – ОГРОМНА НЕПРАВДА.

Далеку од тоа дека во овој самобендисан делител на (не)правдата бараме алиби за нашиот неуспех, за кој во голема мера и самите сме си виновни. Но, никако не можеме да побегнеме од фактот дека и покрај сѐ што се случи, на крајот можевме да дојдеме до посакуваната целта да не беше неговиот очигледен комплекс на повисока вредност. Како поинаку да ја сфатиме желбата да го казни Стефан Синовец, а со тоа и МЗТ Скопје Аеродром, за нешто што беше на границата на коректен старт и тоа во ситуација кога се решава натпреварот на само 1,2 секунди до крајот.

Само ќе потенцираме дека ФИБА уште пред неколку години има испратено допис до своите судии, меѓу кои е и нашиот крвник, дека не смеат со свои одлуки директно да го решаваат победникот на еден меч. Во моменти како вчерашниот, нивните насоки велат да се остават актерите на паркетот самите да се изборат за посакуваното, а да реагираат само ако се случи нешто што во некоја друга ситуација би се оценило како неспортски прекршок. Но, самобендисаниот Митровски, кој очигледно својата желба секогаш да биде во центарот на вниманието ја исполнува експонирајќи се пред оние за кои публиката всушност доаѓа во салите, излезе надвор од овој совет на  претпоставените и реши да се стави во улога на заштитник на нашиот противник.

Ќе излажеме ако кажеме дека сме изненадени од однесувањето на овој мал човек со голем комплекс, знаејќи го неговото судиско минато. За тие што не знаат, крвникот кој сакаше на наша штета да ја има улогата на Господ е физички најнапаѓаниот судија во историјата на овој спорт кај нас и кој во своето портфолио има најголем број прекинати натпревари. Далеку од тоа дека сугерираме или, пак, оправдуваме вакви насилни реакции,  но каде што има чад секогаш има и оган.

Тешко може да поверуваме дека нападот со столче од тренер на прволигаш, клоците од поранешен репрезентативец и боксовите од некогашна легенда на Работнички сега вработена во МКФ, не биле барем малку испровоцирани од неговото арогантно и препотентно однесување на паркетот. Па, што повеќе да се каже за овој судија-крвник освен тоа дека пред десетина години прекина дури и пријателски натпревар во кој една од екипите беше и МЗТ Скопје Аеродром.

Нашиот стил и ниво, сепак, не е како на тие што во минатото имале проблеми со овој самобендисан делител на (не)правдата и немаме намера така да ги решаваме проблемите, туку само низ институциите на системот. Но, без грижа на совеста може да кажеме дека Митровски од синоќа е најомразениот лик во Аеродром, своевидна персона нон-грата во овој дел од престолнината. И, ако има правда во МКФ и во судиската организација, тој не само што повеќе нема да стапне во „Јане Сандански“, туку во иднина кошарката ќе ја гледа само преку телевизиските екрани, со забранет пристап и на терените и на трибините.

На искомплесираниот судија со желба да биде поголем од сите други актери во кошаркарскиот спорт, му порачуваме одново да го погледне синоќешниот меч, илјадници пати да го врати и прегледа спорниот момент и да ги види фотографиите од таканаречениот прекршок на Синовец. Но, да се обиде да ги забележи, кога веќе не ги виде синоќа и сите други спорни работи кои, случајно или не, беа на наша штета. Како, на пример, блоковите на Ѓорѓи Чековски, кои повеќе личат на бодичек во хокеј отколку на дел од кошаркарската игра.

И тогаш, кога ќе сфати што ни направил, веруваме дека покајанички ќе реши барем да ни испрати СМС-порака со искрено извинување и да ни вети дека никогаш повеќе нема да се појави пред нашите очи. Ниту нам од клубот ниту на армијата наши навивачи, кои исто така се жртви на неговата самобендисаност.

А, истовремено ветуваме дека без разлика на болката од неправдата која ни ја нанесе Митровски и која нѐ доведе во лоша ситуација во финалето, ќе продолжиме да даваме сѐ од себе и да гинеме за боите на МЗТ Скопје Аеродром. Така ќе биде како на утрешната трета пресметка во „Градски парк“ и на сите следни мечеви на нашиот клуб без разлика на натпреварувањето.

Скопје, 24.05.2018

КК МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ АД

Се вчитува...