МЗТ Скопје изненадувачки немоќен и пред „фенерџијата“ Нови Пазар (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје го запишаа и деветиот пораз сезонава во АБА 2 лигата неочекувано на гостувањето против „фенерџијата“ Нови Пазар со 79-70, во 21. коло од регионалното натпреварување. Ова е петти едноподруг пораз за македонскиот шампион во АБА 2 лигата.

Пресудно за поразот на „металците“ беше очајно одиграното прво полувреме во кое домашните со цврста игра под кошевите, се стекнаа со предност од 15 поени разлика (48-33).

Во вториот дел кошаркарите на македонскиот шампион заиграа далеку поангажирано, со поцврста одбрана, но немаа сила за целосен пресврт, стигнувајќи само до пораз од 79-70.

Најдобар поединец во редовите на МЗТ беше Олуџоби со 20 поени, 12 скока и две асистенции, додека Магдевски заврши со 13 поени. Дамјан Стојановски и Милошевиќ постигнаа по 10 поени. Во победничкиот тим предводеше Мелори со 27 постигнати поени.

МЗТ Скопје по 21 коло е на втората позиција на табелата со 12 победи и 9 порази, зад водечкиот Борац кој има 19 победи и само два порази.

 

Се вчитува...