МЗТ Скопје извлече триумф над Нови Пазар

МЗТ Скопје Аеродром оствари нов триумф во АБА 2 лигата откако потешко од очекувањата го совлада Нови Пазар со 89-87, со поените на Ерон Харис од слободни фрлања во последниот момент од натпреварот. Неизвесен дуел со многу пресврти се одигра во СЦ „Јане Сандански“, а составот на Ѓорѓи Кочов на крајот успеа да ја прокнижи осмата победа во десеттиот натпревар од регионалното натпреварување.

„Металците“ поведоа пет поени разлика (24-19) по првиот период, но идентично возврати Нови Пазар во втората четвртина, па на полувреме екипите заминаа без предност (46-46). Резултатската нишалка продолжи и до крајот на мечот, а се влезе во навистина неизвесна завршница. Во последните две минути се влезе со 83-83, а со тројката на Алекса Новаковиќ гостите дојдоа и до предност.

Маслинко не реализираше, но во следниот напад Џабари Хиндс повторно израмни. Гостите имаа шанса за победа, не ја искористија, а во последната секунда Ерон Харис беше фаулиран. Тој ги искористи двете слободни фрлања и МЗТ Скопје Аеродром стигна до триумф

Ерон Харис уфрли 18 поени, Бојан Крстевски беше стрелец на 16 поени во таборот на МЗТ Скопје Аеродром, а Александар Тодоровиќ постигна 23 поени за составот на Нови Пазар.

Се вчитува...