МЗТ Скопје лесно ја освои Тузла

МЗТ Скопје забележа рутинска победа од 69-82 на гостувањето против Слобода Тузла, резултат со кој македонскиот првак остана на второто место на табелата во АБА2 лигата, со скор од девет победи и три порази по првите 12 кола. „Металците“ одиграа импресивно прво полувреме, за само 20 минути решавајќи ги сите дилеми околу победникот, не дозволувајќи им на домаќините да се понадеваат на позитивен резултат.

Слобода имаше водство од 6-5 во 3. минута, но МЗТ одговори со 12 поени во низа, стигнувајќи до предност што потоа избраниците на тренерот Кочов не само што ја контролираа, туку и успеваa уште повеќе да ја зголемат позитивата се до последните неколку минути, кога Слобода ја намали огромната разлика. Македонскиот тим импресивно ја одигра втората четвртина во која постигна двојно повеќе поени од домаќините (14-28), на одмор замина со водство од 28-49, за на крајот да слави неочекувано лесна и убедлива победа.

Милошевиќ со 19 поени беше прв стрелец на „сино-белите“, еден помалку постигна Херис, кој погоди четири тројки без промашување, додека Крстевски го заврши натпреварот со 13 поени и седум скока.

МЗТ Скопје во следното коло на 25 декември ќе го пречека тимот на Спарс.

Се вчитува...