МЗТ Скопје „на колена“ пред јадранскиот шампион

МЗТ Скопје го претрпе 14. пораз во АБА – лигата откако Црвена звезда замина со цел „плен“ од гостувањето во „Јане Сандански“ со убедливи 92-58. Во улога на апсолутни фаворити, „црвено-белите“ без поголеми проблеми стигнаа до нови бодови во јадранското натпреварување, додека „металците“ по фантастичното издание во Загреб одново со спуштени глави го напуштија теренот. Во редовите на јадранскиот шампион недостасуваше Перо Антиќ, кој поради повреда мечот го проследи од трибините, додека на Жељко Лукајиќ не му беа на располагање Марко Симоновски и Дарко Соколов.

МЗТ наиде на проблеми непосредно по стартот на средбата откако Звезда отвори со 11-0 за неполни три минути, но во следните неколку напади Маслинко започна серија од 7-0, од кои пет поени беа негови, па до крајот на првата четвртина двоцифрената предност на Звезда беше намалена на само три (21-18). Сепак, во вторите 10 минути од првото полувреме „металци“ имаа катастрофално напаѓачко издание. Само седум поени во целиот период, од кои само оние два поени на Лалиќ беа од игра. Звезда одново ја врати предноста на двоцифрен број на поени, и при тоа ја осигура победата уште пред паузата.

Третиот период беше во знакот на Огњен Добриќ кој погоди шест тројки и буквално го „растури“ македонскиот шампион. Звезда до крајот на четвртината забележа 28 поени, односно имаа водство од недостижни 26 поени во однос на МЗТ. До самата завршница разликата своевремено изнесуваше +35 во корист на белграѓани и рутински стигнаа до 14. триумф за сезонава во регионалното натпреварување.

Маслинко беше најрасположениот кошаркар кај МЗТ со 15 поени, три скока и четири асистенции, а по него Лалиќ беше најефикасен со 11 поени. Фантастичната партија Добриќ ја заврши со реализирани 23 поени и 7/9 од линијата за три поени, Рочести беше вториот најефикасен играч кај гостите со 13 поени.

Се вчитува...